Menu

We are apologize for the inconvenience but you need to download
more modern browser in order to be able to browse our page

Download Safari
Download Safari
Download Chrome
Download Chrome
Download Firefox
Download Firefox
Download IE 10+
Download IE 10+

ИНТЕРВЈУ Зоранчо Митровски, ЕЗИМИТ: Парите вредат ако се инвестираат во својата земја!

Датум на објава: мај, 27, 2016

Автор: Ирена Ристовска

 

Овие денови групацијата ЕЗИМИТ прославува 25 години постоење. Во приказната на првиот четврт век на ЕЗИМИТ се чини доминира виното, но всушност групацијата ја сочинуваат повеќе деловни сфери, меѓу кои се и финансиите и градежништвото. Името на Зоранчо Митровски е познато во бизнис светот во Македонија, но првиот човек на ЕЗИМИТ не се експонира премногу во јавноста.

Во ова прво интервју за еден македонски медиум, Митровски говори за винарскиот бизнис, за успешноста на дејноста надвор од Македонија, но зборува и зошто се уште вината на ЕЗИМИТ ги нема на македонските пазари.

Нашиот пазар е во зародиш. Ние произведуваме сега 20 милиони литри вино, а цела Македонија не конзумира повеќе од 5 милиони“ објаснува Митровски.

Зборува и за својата улога како еден од најголемите поединечни акционери во Комерцијална Банка.

Кога станав најголем акционер во Комерцијална Банка, тоа не беше многу експлоатирано во јавноста, се појавија два три написи за тоа кој ги купил акциите, но тоа сепак остана незабележано. Инаку, општо е познато, по дифолт најголемите акционери ги предлагаат за членови на Надзорниот Одбор и така стигна предлогот до мене да бидам член на Одборот.

Езимит е доминантен сопственик и во градежната компанија Бетон Штип.

Околу прашањето што го поставивте, за близината на фирмата до одредена партија или владејачка гарнитура, не може да постои таква поврзаност со силни и долгорочни ефекти. Тоа може да е на краток рок. Работата и бизнисот се мојата единствена партија“ вели во интервјуто за Фактор бизнисменот Митровски.

Фактор: Ова е ваше прво интервју во македонски медиум? Зошто Зоранчо Митровски, кој во бизнис круговите важи за доста габаритен бизнисмен, досега не беше присутен во јавноста, лажна скромност, или обид да се зачува приватноста?

Митровски: Пред се бевме фокусирани на работата – да произведеме што поквалитетно вино. Бевме ориентирани на извоз на виното надвор од Македонија. Затоа не се рекламиравме во Македонија. Знаевме: ако успееме да се промовираме надвор – подоцна ќе успееме и во Македонија. Да се освои пазар надвор од Македонија е вистински предизвик. Сметам дека успеевме во тоа. Ако денес прашате некој добар познавач на виното ќе ви каже дека Езимит е винарија во Македонија која, пред сѐ, извезува надвор.

Фактор: Дали тоа се должи на една воспоставена перцепција, прилично честа за Македонија дека во бизнисот може повеќе да се успее ако се работи од фаза на анонимност за јавноста?

Митровски: Нашата дејност бара реклами и маркетинг, но до сега не ја поставивме како таргет Македонија. Ние се одлучивме за извозна стратегија и во овие 25 години го запоставивме македонскиот пазар. Политиката на фирмата и досега беше да промовираме скромност и квалитет наспроти експанзивност во медиумите, наместо да се фалиме и да кажуваме дека нашето е најдобро, ние си работевме, четвртина век помина. Ние ги оставивме купувачите и пазарот, за почеток, во другите држави, да си го препознаат квалитетот. Не сум уверен дека таа политика е најисправна, но ми изгледа позитивна. Ние знаевме ако се потврдиме на надворешен, пребирлив, пазар ќе се потврдиме и дома. Второ, надворешниот пазар е значително поголем од домашниот. Затоа докажувајќи се на тој пазар добиваме шанса брзо да се развиваме, кадровски, технолошки, производствено. А тоа носи корист и за Македонија на секој план. Сепак, мислам дека оваа политика е добра, бевме скромни, а остварувавме одлични резултати.

Фактор: Која е групацијата Езимит, што е она, што се вели кор бизнис на компанијата. Најпосле од каде името Езимит?

Митровски: Езимит е кратенка од „економија на Зоран Митровски“, формирана е неколку месеци пред осамостојувањето на Македонија и веднаш почнавме да размислуваме за извозот. Не да увезуваме стоки за широка потрошувачка, како сите што правеа, туку напротив. Следев што има Македонија да понуди. Во тоа време имаше два артикла што се извезуваа од Македонија. Тутун и вино. Тутунот како производ го имаше Македонија Табак, само тие смееја да извезуваат, а виното не беше ограничено. Кон тоа се насочив. Во тоа време Македонија беше сировинска база, извезувавме наливно вино кон екс Југиславија. Наскоро, ми дојде идеја да увезуваме репроматеријали за производство на вино. Направив фирма во Италија, Езимит (таму е скратеница од извоз увоз). Работевме интензивно на енолошките сретства, за чистење, филтрации, и се до 2000та година додека ја направивме винарницата Езимит во Штип.

_B7A5593-resize

Чувствуваме дека е потребно да се одважиме, да покажеме дека и во Европа може да сме успешни. Тоа не е грев, вели Митровски.

На почетокот произведувавме по 1 милион литри годишно, сега имаме 5 милиони. Не сакавме да бидеме само сировинска база и формиравме политика да не продадеме веќе ниту една цистерна, туку во флаша да продаваме и да имаме сопствен бренд. Од тогаш до денес продаваме само флаширано вино. Ако ме прашаат како ги направивте парите, ќе ви одговорам, ова е најдобар начин парите да останат во Македонија. Заработката да остане во земјата. Продаваме надвор, а профитот е наш, македонски. Имаме наши лозја, одгледуваме грозје, правиме вино, го пакуваме како финален производ, го продаваме насекаде…

Фактор: На кои пазари сте најприсутни?

Митровски: Најтешко е пазар да се освои. Доаѓаме од држава која е некаде „Фиром“ некаде Македонија. Кога ќе кажете Македонија, некому му е тоа симпатично, некому не му е. Би рекол, имаме многу повеќе проблеми од симпатии. На Хрватскиот пазар пласираме 54% од нашето целокупно производство, податок по кој беше логично уште во 2004та, во Хрватска да основаме фирма. Наша фирма ќерка – Езимит Хрватска. Извезуваме паралено и во Скандинавија. Кога на темна дегустација ќе ве проценат за најквалитетен, тоа е предноста на Езимит заради што е присутен во Скандинавија, Белгија, Германија, Словачка, Чешка, Австралија, Канада. Езимит е познат по тоа дека кога учествуваме на некој тендер заедно со други македонски винарии, редовно победува понудата на Езимит, имаме перфектен баланс меѓу квалитетот и цената.

Кога на темна дегустација ќе ве проценат за најквалитетен, тоа е предност. Затоа сме присутни во Скандинавија, Белгија, Германија, Словачка, Чешка, Австралија, Канада. Хрватска е сепак најголема, но затоа што тоа е голема туристичка дестинација, кон неа гравитираат сите држави од Средна Европа, Германија, Австрија… Чешка, Полска, Унгарија и во 4-5 месеци колку што трае туристичката сезона таму има огромна конзумативна моќ.

НАСКОРО ВИНАТА НА ЕЗИМИТ И ВО МАКЕДОНИЈА

Фактор: Ми изгледа нелогично кога винскиот бизнис, освен што е доходовен, а во исто време е и своевиден статусен симбол, да го нема виното на македонските пазари?

Митровски: Македонија е пазар од 2 милиони луѓе, пазар каде винската култура почна последните 5-6 години да расте, благодарение на Тиквеш, на едукацијата на „Wines od Macedonia“, на винските витези и слично, но нашиот пазар е во зародиш. Ние произведуваме сега 20 милиони литри вино, а цела Македонија не конзумира повеќе од 5 милиони.

Фактор: Рековте дека 5 милиони е вашето годишно производтсво…

Митровски: Да, но тоа е само во Штип, имаме и винарија во Лозово со капацитет од 20 милиони литри. Таму имаме проводство од 15 милиони, имаме и трета бутик винарија… Македонија е премал пазар. Не само за нас, за сите винарии. Ако го нема извозот ќе пропаднат винарниците. Ние сме насочени како индустрија кон извозот.

_B7A5631-resize

Во Македонија планираме да се насочиме на одредени сорти и на одредени пазари

Кога размислував што ќе работам, покрај семејната традиција оставена од дедото, кој продавал вино во Виена од негова винарија што била земена со национализација (за што при денационализацијата добив ваучер од 2000 марки?!), изгледа имав помош и од Господ и повторно почнавме да се занимаваме со винарството. Во Македонија планираме да се насочиме на одредени сорти и на одредени пазари. Пак ќе речам таргет ќе бидат странските туристи, на дел од територијата, произведуваме многу вино.

ОД ВИНАРСТВО ВО ФИНАНСИИ

Фактор: Малкумина знаат дека бевте на прагот на тоа да станете банкар откако Комерцијална Банка Ви понуди да бидете дел од нејзиниот Надзорен Одбор(НО), сепак до тоа не дојде, од каде Митровски во Комерцијална?

Митровски: Езимит Вино е најголем акционер во Комерцијална Банка, од македонските компании. Една од нашите инвестиции беше дисперзирање на бизнисот, кон финансиите. Верувам во Комерцијална Банка, има професионален менаџмент и дорби ресурси и мислам дека ќе биде благотворна таа инвестиција.

Зошто сепак не станавте дел од Надзорниот одбор?

Митровски: Кога станав најголем акционер во Комерцијална Банка, тоа не беше многу експлоатирано во јавноста, се појавија два три написи за тоа кој ги купил акциите, но тоа сепак остана незабележано. Инаку, општо е познато, по дифолт најголемите акционери ги предлагаат за членови на Надзорниот Одбор и така стигна предлогот до мене да бидам член на НО. Тоа ми беше допадливо, ми беше чест што ме предложија да бидам дел од најголемата, можеби и најдобрата банка, која воедно е и последната македонска банка, со доминантен македонски капитал.

PANORAMSKA FOTOGRAFIJA EZIMIT

Централата на групацијата Езимит и винарницата во Штип

Го прифатив предлогот, но подоцна се утврди дека се неспоиви функциите што ги обавувам како почесен конзул на Латвија во Македонија и член на НО во банката. За член на НО во било која банка е потребна дозвола од НБМ, а како почесен конзул на странска држава во Македонија ми прифатија акредитиви според кои не можеш да зависиш од одлука на државен орган, вклучително и НБМ. Не може да зависи твојата работа како конзул од лиценца на државен орган. Ми беше посочено да избирам меѓу двете функции и мојата одлука беше да останам почесен конзул. Македонија има квалитетни банкарски кадри верувам во нив, а имам доверба и во останатите членови на Одборот и раководството на банката.

Фактор: Колку акции има Езимит група во Комерцијална банка?

Митровски: Езимит-вино заедно со Зоранчо Митрoвски и поврзаните субјекти поседува нешто помалку од 5 %, тоа е законскиот максимум на поседување акции во македонските банки.

КОНТРОВЕРЗИТЕ НА БЕТОН ШТИП

Фактор: Вие сте еден од доминатнтите сопственици на Бетон-Штип компанија која беше присутна во изградбата на проектот Скопје 2014, а беше интересна и поради релациите кои ја поврзаа оваа фирма со одредени фирми блиски до партијата на власта. Како лично успевате да го задржите имиџот на неспоивост на бизнисот со политиката, во време на една политизираност во општеството?

Митровски: Како компанија имавме потреба од дисперзија на бизнисот. Една компанија, за да биде сигурна мора да ги дисперзира дејностите. Таа компанија Езимит инвест, откупи шопинг центар кој ден денес го издава, Хотел, што исто така го рентаме. Почнуваше експанзија во градежништвото. Бетон Штип беше мала компанија со не повеќе од 100 вработени и недооформена сопственичка структура останата со трансформацијата на капиталот од пред 20 години. И одредени странски фондови беа сопственици на акциите.

Видов можност, кога почна експанзијата дека би било добро со мој придонес во раководењето на таа компанија да ја напарвам уште поуспешна. Се одлучив за таа инвестиција, влегување во акционерската структура на Бетон Штип. Мислам дека не направив грешка. Мора да разберете дека законот за трговски и акционерски друштва е многу прецизен, акционерско друштво од било кој обем е сериозна работа. Во акционерски друштва постојат обврски кон берзата акцинерите, бордот на директори. Веднаш да разјасниме мораме да правиме дистинкција меѓу раководење и акционерство. Мора да се знае, кој ќе биде акционер кој ќе управува.

Во повеќе наврати се споменува како проблематична акционерската структура на Бетон, јас одговорно тврдам дека тие акции се купени на берза од реномирани фирми, кои имаат ДНК во себе и се успешни во својата работа. Ако една фирма нас нѐ обединува и сме успешни, не гледам дека сме направиле лош исчекор. Од тогаш до сега Бетон Штип има 4 пати повеќе вработени, 6 пати е зголемен кадарот на високо стручни лица, инжињери, менаџментот е многу поодговорен, а фирмата ја добива својата физиономија.

Околу прашањето за близината на фирмата до одредена партија или владејачка гарнитура, не може да постои таква поврзаност со силни и долгорочни ефекти. Тоа може да е на краток рок. Работата и бизнисот се мојата единствена партија. Секое сериозно акционерско друштво мора да внимава на својата работа, на општествената одговорност, да не дозволме да се сруши името на таа компанија поради некоја измислена приказна дека Бетон Штип просперирал заради работата на Скопје 2014.

Фактор: Колкав дел од колачот на Скопје 2014 зема Бетон Штип?

Митровски: Има релевантни податоци дека Бетон Штип од сите 12 компании кои учествувале на проектот Скопје 2014 е на последно место. Има добиено најмалку работи. За тоа сведочат и истражувањата на новинарите на Призма во истражувањето помогнато од УСАИД. Гарантирам дека тие бројки се до евро точни, во сегментот на Бетон Штип.

Сите работи што сме ги добиле се беспрекорно завршени и во целост. Свесен сум дека името на Бетон Штип во некои кругови се споменува во лоша конотација, но добронамерните ќе сфатат дека во таа компанија работат 450 луѓе, и уште 400 повремено ангажирани, дека компанијата остава белег зад себе и ќе ви посоачм дека Бетон повеќе од 60 отсто работи за приватни инвеститори наспроти објекти кои ги финансира државта. Ние сме градежна компанија, ќе градиме за тој што финансира.

Ме радува тоа што државата имаше сенс за градежништвото, помогна да не пропадне како стопанска дејност, градежните компании да останат живи, да направат развој на компаниите и преку нив пошироко на стопанството. Гарантирам дека профитот од изградбата безрезервно е вложен во осовременување на техниката, и се надевам дека во наредниот период што доаѓа македонската градежна оператива ќе биде способна да излегува надвор од Македонија, да работи на инфраструктурни проекти и на високи градби. Во скоро време компаниите ќе се здружуваат во конзорциуми за заеднички настап секаде во светот.

Фактор: Како би ги оцениле условите за стопанисување во време на перманентна политичка криза која го разјадува не само општетството туку и економијата и бизнисот?

Митровски: Не сметам дека сме во таква криза. Во последните 10 години имаме криза во последната година наметната на начин познат на јавноста. На повидок е излез од таа криза. Ние како Езимит не почувствувавме негативни ефекти, бидејќи сме квалитетно и стабилно етаблирани на надворешниот пазар. Сметам дека и домашниот пазар тргнува кон стабилизација со можност релативно брзо да си врати своите добри перфоманси.

terra makedonika

Овче Поле е значаен вински регион во Република Македонија и во него се наоѓаат лозовите насади од коишто се произведуваат вината Тера Македоника

Мора да разбереме дека опшетството еволуира. Само 25 години сме независна држава..

Фактор: Но тоа е половина од векот на Поранашена Југославија..

Митровски: Да ама тие 50 години сега се живеат во 5 години, брзината на развој не може да се спореди. Времето е многу брзо. Несфатливи се за нас работи што се случуваат денес, во однос на периодот пред 10, 20 или 30 години.

Се сложувам дека не може само државата да биде заслужна за позитивниот ефект во развојот, ниту пак е само државата виновна ако економскиот развој не е каков што би сакале да биде. Јас би рекол дека економијата е развиена толку колку што се развиени сите останати сегменти во општеството. Еве ќе го земам за пример фудбалот…

Фактор: Може и обратно да се гледа, колку што е развиена економијата толку се сите други, бидејќи од парите доаѓа се понатаму…

Митровски: Се сложувам целосно. На тоа ниво колку што сме развиени во медицината уметноста, спортот, на исто ниво сме во бизнисот и економијата. Не може да сте економски развиени ако се уште прилагодувате законска регулатива со нашата цел кон која стремиме – ЕУ. Ние како компанија секој ден се сертифицираме со нови сертфикати за кои порано не сме знаеле дека постојат.

13

Мојата компанија е прва во Македонија која доби најнов сертификат, ИЦФ, за да може да работи со компанија во Германија, конгломератот МЕТРО. Сертифицирањето трае 9 месеци, со контрола постојана, на секои 6 месеци има евалуција. Економскиот развој кореспондира на секое ниво. Не сме во подобра позиција од другите сегменти. Се радувам што доаѓаат странски инвеститори, не дека ќе го однесат профитот, туку ако сме доволно вешти, да купуваме знаење вештини кои ќе ги имплементираме во други дејности и да направиме општествен развој, да одиме напред.

ВАЖНО Е ДА КУПИМЕ ЗНАЕЊА ОД СТРАНСКИТЕ ФИРМИ

Фактор: Во време кога Македонија се труди да привлече странски инвеститори, вие сте една од ректите компании што инвестира надвор, имате ли потешкотии при ова?

Митровски: Не е исклучен економскиот национализам во одредени држави. Но ние се пробиваме со квалитет и професионалност. Тоа на крајот од краиштата победува. Економијата и пазарот сепак превагнуваат над тесните политики и затвореноста.

Фактор: Имаше пример во Хрватска…

Митровски: Да, имаше. Сега е завршена работа. Видете некаде не ни го признаваат виното како Продуцт оф Мацедониа и мора да бидеме вешти да правиме компилација меѓу нивното и нашето вино, да отвориме производствен капацитет кај нив како би го освоиле пазарот. Не е тајна, тоа го направивме во Хрватска 2004, сега го правиме во Словачка. Правиме винарија во јужна Словачка, Езимит Словачка.. Покрај мало производство на вино од словачко грозје ќе носиме наливно вино од Македонија кое ќе го пакуваме во Словачка и ќе го продаваме во Европа. Тука е полскиот пазар со 40 милиони луѓе. Чешка, Унгарија.

video_thumb2

Имаме наши лозја, одгледуваме грозје, правиме вино, го пакуваме како финален производ, го продаваме насекаде, вели Митровски

Зошто ова го правиме? Чувствуваме дека тоа е потребно за да се одважиме, да покажеме дека и во Европа може да сме успешни. Тоа не е грев. Ќе носиме менаџери од Македонија, наши технолози, 7 врвни енолози од Македонија, ќе го контролираат производтсвото, ќе обучуваме како се полни виното по наши рецептури, тоа е наш придонес и мојот придонес за оваа компанија, но и за Македонија, надвор од границите на земјава.

Фактор: Тоа е добро за тековниот биланс на државата, за растот на извозот, но гледаме дека на другите фирми не им оди така лесно…

Митровски: Јас се радувам и другите компании да нѐ следат. Да има примери во други сектори, да излегуваат надвор и да бидеме многу посилни. Од сите фирми во странство да можеме да го акумулираме и тука да си го вратиме профитот. Во Македонија има најниски даноци во Европа. Во сите други држави даноците се повисоки. Тоа што го прават странските компании во Македонија, ние сме спремни и го правиме тоа во странство со винарството.

Фактор: Стана многу модерно во земјата компаниите да ги нарекуваме или квалификуме како општествено одговорни, па некои тоа го прават повеќе заради медиуми и јавноста отколку поради вистинска помош. За вас се знае дека многу многу не сакате да се фалите?

Митровски: Ние имаме доделено до сега 98 стипендии на студенти. Основен криериум е да е одличен ученик, од сиромашно семејство, да не губи година во школувањето и има уште еден критериум, да не зборува дека добил стипендија од нас. Ние тоа никогаш не сме го експонирале. Го правевме тоа на наш начин. Да напрваш нешто вистинско, каде и да сме дарувале сме замолувале тоа да не биде кажано. Нема потреба. Има компании кои тоа го прават со скриени намери. Но ние не. Ниту сме се сликале како менекени за да поделиме два телевизора или два кревета на некоја институција. Основната помисла е дека тој што дарува не бара ниту благодарам, ниту другите треба да знаат, за тој што дарува од срце. Тие што даваат од други побуди, нивен проблем, но се извинуваме, ние не сме од тие.

 

Оригинална објава